Снег во Маврово, Крива Паланка и Ѓавато, најстудено во Лазарополе и Маврово

1694

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози. Слаб снег врне во Маврово, Крива Паланка и на планинскиот премин Ѓавато, информира Автомото сојузот на Македонија во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.

Од синоќа во 18:10 часот е во прекин сообраќајот на магистралниот пат А3 „Ресен -Битола-Прилеп“ кај населбата Баир  поради блокада од страна на ромското население. Сообраќајот се пренасочува низ Битола.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Во клисурите и засеците можна е помала појава на одрони, особено на патните правци: Кочани -Мак. Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, ДКапија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Најмногу снег и најстудено во Лазарополе и Маврово

Највисока снежна покривка од 14 сантиметри и најниска температура од минус девет степени Целзиусови во осум часот изутринава се измерени во Лазарополе.

Во Маврово има 12 сантиметри снег, а температура од минус шест степени, во Крушево се наврнати седум сантиметри снег и се измерени минус осум степени. Во Претор и во Берово снежната покривка е по четири сантиметри, а температурата минус шест односно минус пет степени. Два сантиметра снег има во Крива Паланка.

Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи УХМР минус пет степени изутринава во осум часот се измерени и во Ѓуриште и Тополчани, минус четири Пожаране, минус три во Дебар, Охрид и Крива Паланка, минус два во Прилеп и Битола, минус еден во Тетово, Штип, Куманово и Виница, нула во Скопје и Скопје Петровец, еден во Демир Капија и Дојран, два во Струмица и три во Гевгелија.

Времето денеска ќе биде променливо облачно, студено и ветровито со силен северен ветер, повеќе ќе биде изразен долж Повардарието и во источните делови на земјава каде се очекува да достигнува од 60 до 80 километри на час.  Наместа особено во северозападниот дел од земјава ќе има повремени провејувања на снег. Наjвисоката температура во земјава се очекува да достигне од 0 до 8 степени.

Во Скопје променливо облачно со услови за провејување на слаб снег  и со умерен до засилен северен ветер. Температурата до 4 степени.

Утре времето ќе биде умерено облачно, студено и ветровито со провејување на слаб снег,  a ќе дува умерен повремено засилен северен ветер.

Дневната температура ќе биде во пораст, а утринските поради разведрувањето и намалувањето на  брзината на ветерот  ќе бидe во опаѓање.

loading...