Собор на Пресвета Богородица 

1832

Со овој празник ѝ се оддава признание на мајката Божја, Пресвета Богородица која е најзаслужна за раѓањето на Спасителот.

Во таа смисла се и црковните песни коишто се исполнуват при црковните свечености.

Но во народното сфаќање овој ден се смета за втор ден на празникот Божик и празнувањето е во тој дух.

Света Богородица и манастир Трескавец

Фала Богу за чудо големо,

Што е она чудо за чудење!

Застанала јасна месечина,

Со сонцето ем среде во неа,

И до неа она јасна ѕвезда,

Застанала на Златоврв планина.

Фала Богу за чудо големо!

Не ми била јасна месечина,

Со сонцето ем среде во неа

И до неа она јасна ѕвезда:

ами било света Богоројца

Со Исуса в раце го држела,

И до неа ангел од небеси

Застаната на Златоврв планина,

Да ми праит чесна манастира

Кај што била елимската црква.

Елмите сите нарипале,

Да н’остаат света Богоројца,

Да напраит света манастира.

Кога виде света Боигоројца,

Оти тие не ‘а оставале

За да праит црква манастира,

Го пратила ангело на небо,

Да довикат ангели ем светци;

Кога пошол ангело на небо,

Та му кажал абер Богоројчин,

Сите светци на нозе станале,

На рај Божи крста ми дигнале,

Му го дале на свети Јоана,

Да го носи, светци да си води.

Кинисале ангели и светци,

И ми дошле кај Богоројца,

Кондисале на Златоврв-планина,

Мушавере тие ми сториле,

Во еден збор сите тие дошле,

Да истерат Елимите сите,

Од црквата тамо што имале,

И на неа манастир да праат,

За да седи света Богоројца.

Проговори света Богоројца:

-Ој ви светци, Божи угодници,

Елимите вие истеравте,

Од нивната црква нерисјанска,

Вие мене црква напраивте,

И манастир ми ја нарековте,

Од вас еве јас што сакам:

Вие долу да појдите в поле,

Манастрири, цркви да праите,

За и вие во нив да седите,

Да сте близу и вие до мене,

Елимите да и изгониме,

Православна вера да држиме.

Ми станале седумдесет светци,

Што ми слегле богме сите в поле,

И отишле во Вароша града,

Направиле цркви манастири,

Друзи светци ошле Света Гора,

Направиле цркви манастири,

И денеска уште стојат,

Рисјани се во нив Бога молат,

Чест му праат на сите светии,

Слават Бога и Богоројца.

Од Зборникот на Миладиновци.

(Подготви Марко Китевски)

###

loading...