Соларниот авион „Солар импулс 2“ слета во Аризона | Видео

312

Авионот на соларен погон „Солар Импулс 2“ слета во предградие на Феникс, во американската држава Аризона, завршувајќи уште една етапа од патот околу светот во текот на кој исклучиво ја користи енергијата на сонцето.

Авионот слета во местото Гудјер, југозападно од Финикс, околу 21 часот по локално време, 16 часа откако полета од градот Маунтин Вју, во Силициумската долина, на северот од Калифорнија.

Со леталото во оваа етапа управуваше пилотот Андре Боршберг, кој по излегувањето од  авионот кажа дека тоа не бил долг лет, но бил „преубав“.

loading...

Соларниот авион на пат околу светот полета од Абу Даби, на 9 март 2015 година. Во текот на етапниот лет, правеше паузи во Оман, Мјанмар, Кина и Јапонија.

Solar Impulse 2-001

Најризичниот дел од патувањето беше летот над Пацификот, што беше минат во две етапи. По вкупно 120 часа лет од Јапонија преку Тихиот Океан, авионот на Хаваи слета на 3 јули минатата година.

На Хаваи, меѓутоа, остана приземјен девет месеци заради оштетувања на батериите и недостиг од сончева светлина во текот на зимскиот период.

Минатата недела мина и втората етапа преку Пацификот и по тридневен лет слета во Сан Франциско. Вториот пилот Бертран Пикар управуваше со авионот на тој дел од летот.

Планирано е по Феникс да се направат уште две паузи во САД пред авионот да полета преку Атлантскиот Океан кон Европа или северна Африка.

Авионот лета без гориво, а струја добива од 17.000 соларни ќелии поставени на крилата со распон од 72 метри.

Вкупната вредност на проектот, почнат во 2002 година, се  проценува на повеќе од 100 милиони долари.

abc15.com

loading...