Таму кај што настапува уцената – отстапува дијалогот или Отворено писмо до Али А.

2257

Првото Отвореното писмо го објавив за време на воениот судир во јули 2001 година во весникот „Дневник“. Дали тоа писмо кое е актуелно и денес би можело да има продолжение?

Во времето кога сите што живееме на овие простори бевме загрижени за судбината на Македонија, му напишав отворено писмо на воениот командант на ОНА – Али Ахмети. Војната или воениот конфликт се уште траеше и се беше неизвесно. Колку што ми е познато, тоа е единственото такво писмо што нему му беше упатено во времето додека траеше судирот. Да се потсетиме: тогаш прв пат започна да се дознава нешто повеќе за него, започнаа да се разоткриваат детали, негова фотографија се појави на интернет и во весниците. Тој на фотографијата беше прикажан поднаведнат, како задлабочено чита книга.

Никако не ми одеа заедно тие две работи: читањето книга и грдите активности на неговите вооружени групи низ северните делови на Македонија. Затоа и моето писмо имаше нагласено загрижувачка  нота, со обид да се наметне еден пацифистички акцент: ништо не треба да се решава со војна, а ако таа е веќе започната, треба веднаш да се прекине. Во писмото, меѓу другото напишав: „Господине, Али Ахмети, сепак, оставете ја книгата што ја читате… И да позборуваме отворено и без наводници. Оставете ја книгата и направете нешто да запре теророт и лудилото што сите заедно ќе не проголта“.

loading...

Понатаму на сите им е добро познато што се случи. Беше потпишан Охридскиот договор со учество на нашите државни и партиски челници и на меѓународната заедница. Многумина не го прифаќаа договорот сметајќи дека до него воопшто не требаше да дојде, а имаа и свои аргументи за тоа. И самиот сметав дека војната и договорот не требаше да се случат, бидејќи се можеше да се реши на поинаков начин. Сепак, кога веќе дојде до таквата ситуација и потпишувањето, бев убеден дека договорот треба да се прифати и спроведува. Тој беше и остана гаранција за нашиот заеднички живот, за кој нема алтернатива и дека сите проблеми треба сукцесивно да се решаваат. Се промени и Уставот.

Во таа 2001 година објавив уште два Апела до јавноста. Едниот беше објавен во јуни истата таа година, дистрибуиран преку агенцијата МИА. Беше тоа Апел за меѓуетничка толеранција и разбирање во кој се вели: „Како писател и публицист, со години посебно сум се осврнувал во моите бројни написи и книги, на традицијата на нашето заедничко живеење. Затоа, во овие кризни мигови, чувствувам особена потреба и обврска уште еднаш да укажам дека ,алфа и омега` на нашето живеење е токму меѓуетничката толеранција и разбирање“. Вториот Апел е објавен на 7 јули 2001 година (делови се пренесени во „Утрински весник“) и е всушност повик за судбината на  Македонија да не се одлучува надвор од институциите на системот.

Сето ова, сакал или не, ме упатува на денешната ситуација, кога повторно постои оправдана загриженост за судбината на Македонија. Директни споредби не можат да се прават, секое време си има свои специфики, но секому е јасно дека ситуацијата е кризна. Дали постојат елементи за едно второ отворено писмо до Али Ахмети? Сигурно дека постојат. Се разбира, повторно во позитивна насока и единствена цел: да не се разорува со години граденото заедништво и унитарноста на државата. Само што овој пат ќе биде попрактично писмото да го изложам само во неговите основни тези со оглед на денешната актуелна ситуација.

Треба да се работи врз доисполнување на Охридскиот договор, аналитички да се анализираат сите негови аспекти, а не да се наметнува избрзана Платформа чии делови и начините за нивното решавање се веќе присутни во Договорот, односно во Уставот. Зoшто се наметнуваат такви апсурди и екстреми, како двојазичноста на целата територија при што сериозно може да се доведе во прашање вековно стекнуваниот статус на македонскиот јазик. Иако, се тврди спротивното, дека до тоа нема да дојде. Сега повторно треба да се вратам на мојот Апел од 2001 година, во кој се бара проблемите да се решаваат во институциите на системот, низ дебати и демократски дијалог.

Инаку се друго е неубедливо и наметнато. Затоа и се поставува прашањето: од каде сега, наеданаш, една ад хок Платформа станува поважна од институциите на системот, од демократското спротивставување на мислења и конструктивниот дијалог? Во овој контекст се поставува и круцијалната забелешка: Платформата не смее да биде уцена, бидејќи уцената не е ниту дијалог, ниту демократија. Тоа е поставување на црвени линии. Зошто ние кај нас и меѓу себе да си поставуваме црвени линии, а за тоа да им се лутиме на соседите? Филозофите и теоретичарите имаат многу убаво речено: Целината постои само со помошта на Другиот. Инаку таа не може да се конституира како таква. Во Платформата како замислена целина го нема Другиот. Но, за среќа, никогаш не е доцна.

Во второто писмо до Али Амети мојата главна цел е крајно позитивна, но ние на неа најмалку мислиме. Најчесто ја потурнуваме на страна. Зошто на работите секогаш гледаме од негативен, а не од позитивен агол!? Со своите екстреми, политиката, за жал, често фрла сенка и врз она што е позитивно. И, најчесто таа ги прави проблемите. Во Македонија, последниве години има нова мултиетничка реалност, зошто неа не ја потенцираме и афирмираме? Кога во последно време сте гледале емисија во која се афирмираат таквите вредности? Такви емисии речиси и ги нема.

Дебатите главно се водат околу политичките екстреми (главно со едни исти личности) така што цела ноќ потоа потскокнувате в кревет од морничави сништа. А да не заборавиме во што работите се изменија: Камениот мост до неодамна претставуваше граница меѓу левиот и десниот брег на Вардар. Беа тоа две посебни зони во кои ретко се преминуваше, од едната кон другата. Денес, таквата црвена линија не постои, дури е и смешна. Седиме со пријателите од сите националности, пиеме кафе, муабетиме, според тоа кое кафуле ни се допаѓа, а не каде се наоѓа. Чаршијата речиси стана универзитетски град. Врие од студенти, многу млади кои постојано одат и се враќаат од часови, одмораат во кафетериите.

Во поранешната стоковна „Мост“ е универзитетот на Југоисточна Европа, а сега се отвора и универзитетот „Мајка Тереза“. Во некогашната зграда на стоковната „Илинден“ – Тетовскиот универзитет, во познатиот Капан ан е медресата „Иса бег“. Над зградата на „Рубин Кармин“, во објектот на првата телеграфана во Скопје, има исто така универзитет. Чаршијата започнува да наликува на Атинскиот плоштад каде што старите филозофи дебатирале со своите ученици. Има студенти од сите националности, а во близина е и универзитетот „Кирил и Методиј“, Факултетот за  ликовни уметности  во Сули ан, Факултетот за музичка уметност кај Ибни Пајко…

Во дебатните емисии на телевизиите учесниците сега се почесто се млади интелектуалци од различни националности. Кога друг пат сте гледале толку млади образовани луѓе бескомпромисно и луцидно да дискутираат. Тоа се главно универзитетки професори, асистенти, темелно упатени во своите области, амбициозни луѓе. Многу работи се изменија позитивно, само што ние нив најчесто не ги гледаме.

Ете, во продолжението на отвореното писмо од 2001 година, сето тоа би сакал да му го напишам на Ахмети. Но, не само нему, туку и на другите политички лидери (написов нема никаква партиска позадина и конотација). Иако постојано шетам низ Скопје, речиси никогаш не сум видел некој од нив да седи во Чаршијата или на улица „Македонија“. Е, не е се така розово, ќе рече некој од нив. Да, ама не е ни се така црно. Одбегнувајте го црното и бидете поблиску до секојдневието и обичните луѓе. Можеби така повеќе ќе ја релаксирате ситуацијата и сите заедно ќе имаме повеќе шанса да му се измолкнеме на политичкиот екстремизам кој така тешко надвиснал над сите нас.

Данило Коцевски, писател

loading...