Тиквешани освен грозје одгледувале и свилени буби

662

Во Тиквешијата, освен грозје, до почетокот на 60-те години на минатиот век се одгледувале и свилени буби.

ИсторичаротПетре Камчевски од Кавадарци, вели дека според пишаните документи, а и сеќавањето на постарите ваташани, во Ваташа во средината на 19 век до почетокот на 20 век, македонски и турски семејства одгледувале свилени буби.

– Свилата отсекогаш била многу ценета ткаенина, а неа ја носеле и Македонците и Турците. Особено ја ценеле жените кои за свечени пригоди знаеле да облечат убави свилени кошули, вели Камчевски кој е директор на кавадаречкиот музеј.

loading...

Најомилена храна дудинки или црници

Во монографијата за селото Ваташа, Камчевски пишува дека секоја година во текот на месец мај, во одредени простории во куќите или шупите, се земале по неколку унци бубино семе, кои потоа се ределе врз специјално направени полици. Потхранувањето, отпрвин повремено а подоцна почесто, вообичаено го вршеле жените. Најомилена храна за свилените буби биле листовите од дудинки или црници. Во Ваташа црниците се одгледувале во близината на лаките со ѓонче или детелина, а ги имало покрај реката Луда Мара.

Во својот развој, свилената буба не живеела многу долго, само два месеца. Во текот на тој период таа поминувала низ четири фази на развој и тоа јајце, ларва, кожурец и ноќна пеперуга. Јајцата се чувале на студено околу шест дена, а потоа се потопувале во топла вода и се оставале да се исушат на воздух. Потоа се ставале на топло место, се додека од нив не се изведат ларвите. Од секое јајце излегувала по една мала бела ларва со големина од шест до седум милиметри.

– Иако мали, ларвите се многу лакоми и се претпоставува дека секоја од нив јаде 30 илјади пати повеќе храна од нејзината почетна тежина. Во текот на оваа фаза свилената буба неколку пати ја отфрла својата обвивка. На крајот од периодот од 30 дена ларвата престанува да јаде, се закачува на парче слама и почнува да преде кожурец, создавајќи долги непрекинати влакна свилен конец. Ларвите се покриваат со тие влакна, се додека по три дена, не е готов кожурецот. Бидејќи само од непробиените кожурци се добива долго и тенко влакно, свилената буба со помош на пареа или жежок воздух, се убива додека е во кожурецот. По уништување на ларвите со загревање, непробиените кожурци се делат според бојата и нивните влакна се намотуваат на калем. За свилата да омекне, кожурците се ставаат во вода која се загрева на температура до 60 целзиусови степени. Потоа влакната од неколку кожурци се сложуваат во група и од нив се прави преѓа, за ткаење на свилата-стои во објаснувањето за свилените буби.

Свилата ја правеле жените, а ја носеле и мажите

Преѓата која се добивала од влакната, се употребувала за правење на ткаенина или за плетење на многу цврсти јажиња.

– Свиларите од Ваташа знаеле како со додавање на соли од калај или железо, да се подобри густината на ткаенината и да се подобри нејзиниот квалитет. Свилата во Ваташа ја правеле само жените и се сметала за женска работа. Секоја жена работела на бакарен сад полн со жешка вода, во кој ги потопувала кожурците. Со неколку остри удари кожурецот се ослободувал од надворешната обвивка, а потоа тенките влакна се одмотувале и се плетеле во две до шест влакна. Од еден кожурец се добивале околу илјада метри свилено влакно, пишува во монографијата.

Кога бубите ќе се завиткале во кожурец, по десет до петнаесет дена, домаќинките или жени кои добро се разбирале од таа работа, ја влечеле свилата во мосури. Нив ги поставувале во топла вода и оттаму ги влечеле свилените влакна, кои потоа ги навиткувале на мотовила, а потоа од конецот се правела свилена ткаенина. Обично со свила се ткаеле краиштата од другите влакна, или пак се ткаело платно само од свила. Тоа платно народски се викало „буранџук”. Од свилената ткаенина која обично имала бела или жолта боја, во зависност од кожурците, жените правеле кошули, а со платното се правеле и везени крпи, шамии, мафези или шкепиња, кои обично ги носеле помладите жени.

Според податоците до кои дошол Камчевски, свилата како ткаенина најмногу ја носеле жените, иако и мажите летно време носеле кошули од свила. Обично кога се правеле свадби, најголемиот дел од младите девојки и момчиња биле облечени во свилени кошули. Покрај тоа што од свилата се правела ткаенина, таа се употребувала за правење на торби за топовски барут, за гуми за велосипед, за непробојни елеци, хируршки конец и слично.

Петре Камчевски

Фабрика за свила во Велес

Драги Трајков, администратор на страницата за старо Росоман на една од социјалните мрежи, ја објави и старата фотографија на која е претставена фабриката за свила во Велес.

– Низ дворовите на Росоман но и по росоманското поле се уште има остатоци од многу црници чиј лист бил основна храна за свилената буба од која пак се прави свилата. Во Росоман имало произведувачи на свилени буби се до половината на минатиот век, дури и на почетокот од шеесетите години, е наведено покрај сликата.

За МИА Светлана Дарудова

loading...