Тихомир Стојановски уметнички директор на Театарот „Скрб и утеха“

102

Тихомир Стојановски е уметнички директор на Театарот „Скрб и утеха“, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, пишува текстови и  е актер. Има напишано дваесетина книги и направено околу 300 документарни филмови.

Последен проект на Тихомир Стојановски во кој е автор на текстот  и актер е претставата „Некрстени денови“ со која на 7 мај годинава премиерно се претстави на малата сцена во Новиот театар во Велес. Претставата ја режира актерката Слободанка Чичевска од велешкиот театар, а доби финансиска поддршка од Министерството за култура

Музиката ја напиша  Јане Пенов и Мемишевци од Орашек – Гора. Во претставата играа и добија силен и долг аплауз од велешката театарска публика, актерите: Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Мирјана Ристов, Страшо Милошевски, Тихомир Стојановски, Роберт Ристов и Слободанка Чичевска

Појаснете ни го текстот и силната порака што ја испраќа поврзана со иднината на Македонија?

– Во „Некрстени денови“,  суштината е дали човекот треба да суди или да му го остави тоа на Бог. Тоа е  истото што го има во античката драматургија, а  го има и во оваа претстава и  е суштината и во оваа претстава. Ние на почетокот и на крајот од претставата го кажуваме тоа што го кажува Еврипид-500 години пред нашата ера во времето на македонскиот цар Пелаиф, „оставам сега генерации Господе“. Ние сега тоа го одигравме и му оставаме на  Господ да суди, затоа што зборовите се тргнати во материјализација. Значи зборот упатен се остварува се материјализира. Ако вие сеете омраза, нељубов, навредувате луѓе, тие зборови ќе се материјализираат од другата страна.Затоа треба многу да се размислува во реалното зборување, на пример  кога некој политичар излегува на сцена, и тој  треба многу  да внимава што зборува, затоа што  неговите зборови можат да се материјализираат во војна, во смрт. Во Библијата пишува дека  за секој лош збор што ќе го изговарат луѓето ќе одговараат на судниот ден, така и во театарот вие имате одговорност што зборувате и каде завршува таа приказна. Затоа ние со оваа претстава сакаме да проговориме за светлината што постои во Македонија,а не за омраза за кражби, лажење едни против другите за сквернавење. Нашата порака тука во претставата е многу силна,  говори за тоа дека сето лошо што ни се случува   мора конечно  да заврши и  во Македонија  да се  пробие светлината, за иднината на нашата земја, Република Македонија.

Како настана „Скрб и утеха“, а кој  наскоро ќе прослави  30 години од неговото возобновување?

– Тоа беше кога завршувавме Факултет за драмски уметности во Скопје во  1988 година и сеуште беше Југославија, а ние сакавме да создаваме автентичен македонски театар. Тогаш започнавме да играме теми од македонските поетски приказни на пример „Раскрилувањето на Рацин“ со поезијата на Рацин направивме драматургија. Војникот што го убива Рацин, духот на Рацин, мајката на Рацин и Ленка. Тогаш почнавме да го работиме и Вапцаров, потоа се отворија и некои македонски теми. На пример, се отвори приказната за македонската историја. Македонија е посебна земја бидејќи е врзана со Бог. Американската новинарка Ребека Вест  во својата книга раскажува за уметноста во Македонија. Таа вели не е уметнички трик тука длабоко суштинска поврзаност со создателот. Значи тоа е она што ја одредило Македонија и македонската култура. Ние значи ја имаме истата приказна која ја има во Дионисовиот театар. Потоа ја имаме приказната кога Отецот небесен ја оплодува Марија за да се роди Исус Христос. Во тој Кокински театар во кој неколку години настапуваше нашиот театар „Скрб и утеха“, јас кажував молитва за Марија. Тоа е молитвен театар и кажува дека Македонија е врзана со тој неолитски театар стар две илјади години што е потврдено од научните кругови на меѓународни симпозиуми дека постоел,а ние воопшто не знаевме за тој театар.

Вашиот театар е поврзан со патувачкиот театар на Војдан Чернодрински?

– Македонскиот драмски писател и режисер Војдан Чернодрински во 1901 година својот патувачки театар го нарекол „Скрб и утеха. Ние всушност во 1988 година  го возобновивме овој македонски театар. Театарот има одиграно 22 премиери по текстови од Шекспир, Јонеско, Мајаковски, Бекет, Рацин, Вапцаров.

Сте гостувале во многу земји што ви оставило најголем впечаток?

– Сме гостувале во многу земји како Шведска, Бугарија, Турција, Албанија сме гостувале и пред нашите Македонци во Србија, Бугарија, Грција, Хрватска, Австралија и Нов Зеланд, кои секогаш срдечно не примиле. Најголем впечаток ми остави гостувањето пред 25 тина години со „Ќелавата пеачка“ во Пустец Албанија кога гостувавме во дворот на црквата.По 1400 години „Скрб и утеха“ одигра и претстава во античкиот театар Скупи , а со идеја да се возобнови ова древно македонско светилиште. Театарот е организатор и на „Дионисовите слави“ кои се одржуваат во февруари.

Вие воведовте еден поинаков жив театар?

– Ние создадовме репертоар на еден жив активен театар. Театар кој практично излегува од она класично гледалиште и актерите и практично ги воведува гледачите во дејствието. Ние игравме теми по принципот на македонската антика каде што е Еврипид, а театарот секогаш треба да ги исправува конфликтите. Ние секогаш зборувавме за она што ни се случува сега, затоа што сакаме публиката да види нешто и да се препознае,  се’ со цел и нешто да промени, а тоа е суштината на театарот. Значи ние зборуваме за два вида театар: душевен  и духовен. Овој театар „Скрб и утеха“ се стреми да биде духовен. Имаме еден принцип на Еврипид на крајот на претставата во антиката го повикувам Господ да пресече, односно играње за Бог од благородност и тогаш театарот има духовна сила. Големите театри како оној на Шекспир ја имаат таа духовна сила, бидејќи зборуваат за односот на човекот и Бог и односот на Човек и Човек. Дали Човек на Човек треба да му суди да го убива или едноставно одлуките треба да му ги препушти на Бог. Тоа го имаме и кај Достоевски, зборувам за автори кои се безвремени и ја задржале суштината на поимот човек.

По што овој театар се разликува од другите?

– Ние секогаш игравме ликови од македонската историја кои се враќаат во сегашноста на пример Гоце Делчев, Стефан Верковиќ, Александар Македонски, Ристо Шишков, комплетната антика. Значи игравме ликови кои се историски меморирани како култови и ги носевме на сцена за да виде публиката дека се живи луѓе кои размислуваат за она што ни се случува сега и овде. Тоа е практично безвременоста суштината на Аристотел за тројно време кое го има во театарот: сегашно, минато и иднина. Ликови кои се случиле и историски настани кои се коментираат и се отсликува сегашноста и каква ќе биде нивната иднина. Што ако ние не ја научиме историјата? Во Македонија се направени толку војни и дали сме ја научиле лекцијата. Тука можеме да зборуваме и за една пророчка вредност, бидејќи ние имаме нешто прикажано на сцена во театар, а потоа тоа ни се случува во живо. Значи текст напишан пред многу години актуелен и денеска, отсликува состојби кои се преповторуваат затоа што човекот не ја научил лекцијата.

За МИА Антоанела Димитриевска