Токсична машкост

256

Токсична машкост. Побарајте го тој израз на интернет. Тој се однесува на верзија на машкост темелена на стоицизмот, доминација над другите, сексуална агресија, насилство и мизогинија и ќе ви се појават над 500.000 резултати. Тој концепт доспеа во фокусот на јавноста во последната година од повеќе причини: нашиот врховен идиот кој сака да досаѓа на жени е крунисан во Белата куќа, Бил Козби користи дупка во законот во врска со сериозни сексуални напади, полицајците не одговараат за убиствата на невооружени црни деца и мажи, хронично се случуваат масовни пукања од страна на пореметени мажи со огнено оружје, кандидат за место во Конгресот нокаутираше новинар и повторно беше избран, а неконтролираниот и бездушен Конгрес се труди дополнително да ги обесправи жените, децата, сиромашните и старите лица одземајќи им ја и така малата контрола што ја имаат над сопственото здравје. Во февруари уште една иницијатива во универзитетското братство заврши со смртен крај, кога Тимоти Пиаџа на Универзитетот Пен Стејт под притисок од врсниците се предозирал со алкохол и откако паднал подлегнал на смртоносните повреди, бидејќи неговите „браќа” одбиле да повикаат итна помош. Малициозното онлајн вознемирување на жените, посебно феминистките, денес се прифаќа како составен дел од модерниот живот. Поради тоа, не изненадува што натписите во Слејт, Форбс, Атлантик и Плејбој, како и прилозите на ЕјБиСи њуз и Фокс њуз, посветија внимание на тој феномен.

Иако феминистките посебно се загрижени поради таа појава, тие не го измислија терминот токсична машкост. Тој потекнал од машките движења во 80-тите и 90-тите години од 20 век, кои сакале да укажат на тесна, општествено конструирана верзија на машкоста која ги принудувала мажите да ги негираат своите вистински чувства и едни на други да бидат ривали наместо да се поврзуваат и да соработуваат.
Но тој концепт почнаа да го користат и социјалната и клиничката психологија во анализа на начинот на кој екстремната верзија на машкоста ги повредува не само другите, посебно жените, децата и геј мажите, туку и самите „токсично мажевни” мажи. Различни студии покажале врска од една страна меѓу мажи кои ги прифаќаат формите на однесување на токсичната машкост и делуваат во согласност со тоа и од друга страна бројните проблеми како проблематичните врски, депресијата, алкохолизмот, покажување на бес, физички напади и други криминални дејанија, како и самоубиства.

Во 2016 година на Универзитетот во Индијана биле прегледани 78 студии кои опфаќале речиси 20.000 испитаници и се покажало дека мажи кои одговараат на стереотипот на мачо формите на однесување многу поретко бараат помош за такви проблеми и воопшто не се одликуваат со лошо ментално здравје. Една од формите која „најдоследно и најсилно” се поврзува со негативно ментално здравје е желбата да се поседува „моќ над жените”. Кој е заклучокот на авторот на тој преглед? Сексизмот е штетен и за мажите.

loading...

Зборот „токсичен” послужи на десницата како громобран: на него се срушија громови и молњи бидејќи конзервативците го искривија така да сугерира омраза кон мажите. Кога новинарот на Фокс њуз Тод Старнс дозна дека некои колеџи нудат курсеви за да ја објаснат токсичната машкост и да поттикнат борба против таа појава (реакција делумно условена од зачестеноста на сексуални напади во универзитетските кампуси), рече дека тие курсеви „се обидуваат да ги убедат мажите да развиваат женски гениталии”.

Натписот во Федералист со едноставен наслов „Со трендот на токсична машкост, момчињата се обвинуваат што се од машки род”, инсистира дека „вродениот физиолошки склоп на мажите е погрешен, глупав и токсичен”. Всушност, истражувачите го тврдат спротивното, дека токсичното однесување нема врска со вродениот физиолошки склоп. Како што расистичкиот одговор – „Сите животи се важни” ја промашува поентата за структурниот расизам, така и „тие ги мразат мажите” го замаглуваат фактот дека насилството и мизогинијата стануваат составен дел на животот на некои мажи поради насилничко воспитување, тешките економски услови и бруталното опкружување или нарушени односи меѓу врсниците.

Погрешното претставување на проблемот кој несомнено е сериозен и неспорно културно конструиран и родно втемелен, е неодговорно и кратковидно, посебно кај претседателот кој со задоволство се препушта на таа пракса, ги оправдува и охрабрува другите да му се придружат. Можеби ни треба подобар збор од „токсичен”. Но, десницата на многу свои верни поддржувачи им прави мечкина услуга со тоа што автоматски одмавнува со рака на проблемот кој е погубен за јавното здравје. Во меѓувреме, ние феминистките и прогресивците мораме не само да продолжиме со искажување на огорченост поради насилствата над најчестите жртви на токсичната машкост, над жените, луѓе со различна боја на кожата, децата, ЛГБТ заедницата, туку мораме и да ги потенцираме нејзините отровни последици по мажите воопшто. Тоа не е само стратешки важно, туку е клучно за решавање и спречување на проблемот. Поради моменталниот пораст на Трамповата верзија на силеџиска машкост (која милиони мажи не ја прифаќаат, а многумина и ја осудуваат) лесно се гледа штетата која таа ја донесува, не само на лицата на маргините туку и на многу мажи.

Ин дис Тајмс – Лондон

loading...