Хан: Брзо формирање влада и воздржување од разгорување меѓуетнички тензии

1128

Брзо формирање нова влада посветена на спроведување на реформите, почитување на изборните резултати, имплементација на договорот од Пржино и воздржување од разгорување меѓуетнички тензии, се главните пораки кои еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, им ги упатиле на политичките лидери на денешните средби во Скопје.

Во заедничкото соопштение на Хан и тројката европарламетарци објавено по разговорите со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами и на Алијансата на Албанците Зијадин Села, се наведува дека „било повторено многу јасно оти сите политички лидери, вклучувајќи го и претседателот, мора да ги почитуваат резултатите од последните избори, и дека во една демократија, секој мора да го признае парламентарното мнозинство“.

– Затоа го охрабруваме претседателот итно да ја преиспита својата позиција. Нема време за губење. Сега очекуваме сите политички лидери и институциите да овзоможат демократскиот процес да се движи по својот курс – во интерес на граѓаните на земјата. Одложувањата во изминатите месеци веќе направија штета на економијата на земјата. Затоа повикуваме на брзо формирање нова влада посветена на спроведување на реформите. Од партиите и новата влада се очекува да продолжат да ги имплементираат сите делови од договорот од Пржино, се наведува во заедничкото соопштение.

Хан и тројката европратеници, како што е посочено, „ги повикуваат сите да се воздржат од какви било активности и изјави кои можат да разгорат меѓуетнички тензии или да ги поткопаат добрососедските односи“.

– Никој не треба да дојде во искушение да си игра со оган. Ние сме длабоко загрижени поради тензиите и говорот на омраза. Правото на собири и слободата на изразување се основни права во демократските општества, но тие носат и одговорности. Во таа насока, негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и граѓанските организации е сосема контрапродуктивна. Тоа ја поткопува позицијата на земјата на меѓународен план, како и кредибилитетот на оние кои ја употребуваат, стои во соопштението.

Јоханес Хан, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, очекуваат „во наредните денови да видат сериозно и одговорно државништво од страна на релевантните институции за да се овозможи брзо формирање на нова и цврста коалиција“. Според нив, тоа е единствениот начин за враќање на земјата на патот кон ЕУ – што граѓаните го посакуваат и заслужуваат.

Еврокомесарот и тројката европратенции денеска беа во Скопје на разговори со политичките лидери во уште еден обид за договор за излез од кризата во која земјата е подолг период.

По средбите со Хан, изјави дадоа лидерите на СДСМ, на ДУИ, на Беса и на Алијансата на Албанците, Заев, Ахмети, Касами и Села, а ставовите на ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти пратеникот Антонио Милошоски.

Милошоски: Откажување од платформата или нови избори заедно со локалните

Постојат две реални и можни решенија за излез од политичката криза, а тоа се малцинска влада со јасно откажување од албанската платформа од страна на Заев или нови предвремени паралемнтарни избори заедно со локалните. Стабилноста и напредокот на РМ ни се на прво место, истовремено со почитување на волјата на мнозинството ѓраѓани кои гласале на изборите.

Ова е пораката што во име на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот Никола Груевски по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници вечерва ја соопшти Антонио Милопоски.

– Задоволни сме од средбата со Хан и европратениците, затоа што беше добра прилика да расчистиме повеќе дилеми, првенствено некои кои се однесуваат на лажна перцепција за чинителите во политиката во РМ. И она што беше уште поважно за нас да ги истакнеме како приоритет политичката стабилност и економсклиот напредок на РМ кои што зависат од почитувањето на волјата на мнозинството од македонскиот народ, на политичката волја на мнозинството од македонските граѓани, која штои треба да биде почитувана и во Парламентот и во владата и надвор на улиците, секаде каде што народот има суверено право да одлучува, рече Милошоски по тричасовната средба.

Подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ ја искористило средбата аргументирано да им предложи на партнерите од ЕУ дека има две реални и можни излезни решенија од оваа ситуација.

– Првото можно решение е Заев доколку сака да формира влада истата да не биде програмски уценувана со платформи од туѓи држави и јавно да се откаже и да ги отфрли туѓите платформи и во тој случај ќе може со една малцинска влада да се посвети на проекти кои граѓаните ги гласале на изборите. Иако СДСМ ги изгуби изборите сепак граѓаните гласале за тие проекти. И второто можно решение е организирање заеднички локални и парламентарни избори кои што би се случиле во следните неколку месеци. Бидејќи без разлика дали некој сака или не парламентарни избори јасно е дека локалните никој не може да ги одбегне и бидејќи ќе имаме локални избори дали за два, три или пет месеци цела држава ќе биде во една предизборна атмосфера. Во таква атмосфера тешко е да се работи на проекти кои би биле продуктивни и реформски ориентирани, изјави Милошоски.

Тој додаде дека затоа би било добро на еден трошок двојни избори – локални и парламентарни за да може секој граѓанин да се чувствува сигурен во својот избор дека гласал за она што му било понудено, а не, рече, како што е денешната ситуација да имаме голем број незадоволни граѓани кои се соочени со една платформа која е постизборна и за која не гласале.

– Доколку партиите кои што стојат зад ваквата платформа сметаат дека е продуктивна, полезна за граѓаните на РМ таа нека биде предмемет на изборно изјаснување, подвлече Милошоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со својата активност во Собарнието, во институциите на држава со цел, вели, да се унапреди стабилноста на државата и да се зачува избирачката волја на мнозинството граѓани на РМ и оваа држава да биде унитарна и мултуетничка, а не да создава структури на бинационална и федеративна држава.

Заев: Очекувам мандат од Иванов и профункционирање на Собранието

Процесите мора да бидат забрзани, секој ден е изгубен за Македонија, за сите граѓани и за европските перспективи на земјата, е пораката на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници што ја упатиле на средбата со лидерот на СДСМ Зоран Заев.

-Пораките на еврокомесарот и европските пратеници се јасни. Се договоривме дека процесите мора да бидат забрзани. Секој ден е изгубен за Македонија, за сите граѓани и за европските перспективи на земјата. Секако тоа не значи дека треба да престанеме да бидеме внимателни за сите овие провокации што се случуваат од другата страна. Едно е јасно, мора да побрзаме. Ние остануваме на нашето внимателно насочување на демократските процеси во државата бирајќи претседател на Собранието кој ќе испрати писмо до Иванов и да ги отстрани овие 10 дена. Веќе е презентирана програмата на идната влада и очекуваме овој процес да заврши овде. Сето тоа што претставува нова можност за трошење нови денови е ризично за Македонија, рече Заев.

Тој додаде дека Хан и европратениците изјавиле дека се подготвени по успешни реформи и отпочнати рефомрски процеси сериозно да пристапат кон Македонија со отворање на поглавјата 23 и 24, односно да ги забрзаат процесите и да ги охрабрат граѓаните кои веруваат во европерспективите.

-Тоа е уште една причина повеќе да носиме брзи одлуки во интерес на граѓаните. Се надевам дека ќе има сенс од сите политичари затоа што партиите и политичарите постојат за иднината на Македонија, рече Заев.

Во врска со блокадата со избор на претседател на Комисијата за избори и именувања, Заев рече дека немаат проблем со ова барање, но оцени дека тоа е уште еден обид да биде блокиран изборот на претседател на Собранието.

-Тоа нема да го дозволиме. Соглсно Деловникот на Парламентот на пленарна седница се бира претседател на Собранието, претседател на Комисијата за избори и именувања, членови и заменици членови. Нека ги каже ВМРО-ДПМНЕ своите аргументи зошто треба да имаат претседател на Комисијата на пленарна седница на Собранието. Ние ќе ги кажеме нашите аргументи и на крајот ќе се одлучи со гласање. Процесите мора да се движат напред…. Нема да дозволиме некој да се крие зад одговорноста и да ја блокира цела Македонија, рече Заев.

Тој го повтори ставот во врска со одлуката на Иванов за, како што рече, двете нелогични причини да не му го додели мандатот и додаде дека очекува тие да бидат отстранети по изборот на претседател на Собранието и имајќи ја предвид објавената програма на Владата.

Според него, кредибилните и регуларни избори Македонија мора да ги искористи како кредибилен и регуларен процес за придвижување напред на демократските процеси.

Воедно упати апел дека треба да се следи тоа што е пракса, а тоа е претседателот да се придржува до формалната и церемонијална улога и да го даде мандатот.

-Инаетот ја носи Македонија кон лоша иднина. Сите ние имаме обврска да се грижиме за добрини на Македонија. Очекувам до крајот на оваа недела седница на Собранието. Се друго е банализирање. Да се избере Комисија за избор и именувања и претседател на Собранието за да се движиме напред. Македонија час поскоро бара решение. Тоа е обврска и на Вељаноски, и на Груевски и на Иванов, рече Заев.

По куса пауза, еврокомесарот Хан и тројката европратеници треба да одржат средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со што ќе ги заокружат разговорите со лидерите на политичките партии застапени во Парламентот.

Ахмети: Политичката криза да не премине во етничка

Изнаоѓање можности како да се надмине ситуацијата во Македонија и замјата да се врати во нормала со функионални институции, побарале еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн на вечерашната средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Собранието на Република Македонија.

– На средбата не разговаравме за санкции, туку како да се излезе од кризата, што треба да направиме како политички партии и како може ЕУ да ни олесни. Еврокомесарот Хан и европратениците побара институциите што поскоро да се формираат, земјата да ги надмине сите недоразбирања и сите политички сили да преземат одговорност се до успешното конституирање на институциите во Република Македонија, изјави Ахмети по средбата.

Нагласи дека побарал од еврокомесарот Хан и од европретставниците и понатаму да ги охрабруваат политичките партии и да продолжат да олеснуваат со цел да се надминат разликите кои ги имаат партиите и институциите да започнат да се занимаваат со многуте сериозни прашања со кои се соочува земјата.

– Сигурно е дека мора да водиме дијалог и да бараме решенија затоа што не треба да ја донесеме ситуацијата до ниво да ги разочараме нашите пријатели во овој случај ЕУ. Тоа не би било добро ниту за една политичка сила, ниту за нашата земја. Мора да собереме позитивна енергија и да ја насочиме во функција на решавање на кризата, а  не на предрасудите и оптоварувањата кои се голем ризик за можни судири помеѓу етничките заедници или меѓу претставници на иста заедница, рече Ахмети.

Имаме, посочи, морална, национална и државна одговорност.

– Кризата треба да се реши со политички методи и да не прерасне од политичка во меѓуетничка криза. Сите треба да бидат внимателни и да инвестиаат во правец на конституирање на институциите и на нивното функционирање, потенцира Ахмети и изрази надеж дека средбите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со европретставниците ќе резултираат со изнаоѓање решение.

Тој прецизира дека ДУИ веќе ги повика сите политички сили во земјава што е можно поскоро да изнајдат заеднички јазик, да ги стават државните интереси над партиските.

– Нудиме партнерство на секоја политичка сила која ќе направи напори за институциите во земјава да се вратат во нормално функционирање. Но, целата ситуација не зависи од добрата волја на ДУИ, туку волја треба да демонстрираат двете најголеми политички партии, рече Ахмети и додаде дека ДУИ две години остана во институциите со цел во земјата да не ескалира нерешлива политичка криза.

Побара  од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да ги надминат нивните разлики и да понудат добро решение за нормално функционирање на државата.

Прашан што доколку претседателот Иванов не се премисли, Ахмети рече дека ДУИ даде поддршка за конституирање на иснституциите и оти стои на дадениот збор и не бега од одговорноста.

– Не сум поборник да станеме бунтовници и насила да влеземе во институциите. Собранието е место каде се произведува демократија. Тоа треба да профункционира, но како што реков за тоа треба да покажат добра волја двете најголеми политички партии, истакна Ахмети.

За платформата на албанските партии рече дека се злоупотребува политичката декларација на албанските прламентарни партии за политички цели и додаде дека доколку треба да се повлече декларацијата треба да се повлече и Охридскиот договор.

На прашањето зошто не стојат на договорот за коалицирање на победник со победник, Ахмети истакна дека со ВМРО-ДПМНЕ сега имале непремостливи разлики за да продолжат заедно да владеат.

Касами: Хан побара да надвледеат државните интереси за излез од кризата

Државните интереси да се стават над личните и партиските со цел земјава побрзо да излезе од кризата и да се врати на европските интеграции, е порака од еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници до лидерот на Беса, Билал Касами

– Комесарот Хан не поддржува во нашите постапки кои водат кон формирање влада, која во моментов има поддршка од 67 пратеници, како и да се избере претседател на Собранието, како и уште еднаш од претседателот Иванов да се побара да го додели мандатот и да почнат преговорите за состав на новата влада за да може таа влада да ја реализира програмата за враќање на државата на евроинтеграциските процеси, рече Касами по средбата.

Тој посочи дека Беса и досега пред партиските интереси ги ставала државните и ја ставила во мирување нивната платформа.

– Платформата на движењето Беса е редефинирање на државата. Во моментов се наоѓаме во длабока политичка криза и ние сакаме да придонесеме да излеземе од неа и да дојдеме во помирни води, а потоа да почнеме една поширока дебата за платформата што им ја понудивме на граѓаните, рече Касами.

Прашан што ќе направи Беса знаејќи го ставот на претседателот Иванов дека нема доделување мандат се додека не се откаже тиранската пратформа, Касами рече дека нема таква платформа.

– Нема тиранска платформа, има само една декларација на политичките партии на Албанците за барањата кои се присутни веќе 20 години во демократскиот систем, кои треба да се реализираат согласно Уставот и законите во Македонија, потенцира Касами.

Тој оцени дека денешната посета на еврокомесарот Хан и европратениците и била неопходна на Македонија заради ситуацијата во која се наоѓа, бидејќи, вели, даваат поддршка за излез од кризата и ги охрабруваат политичките фактори во земјата да работат на ситуацијата во која што се наоѓаме, да гледаме повеќе на иднината на државата и на граѓаните отколку на партиските интереси.

– Во овој правец се и активностите на движењето Беса без да се гледа личниот интерес, односно партискиот интерес. Ние гледаме да придонесеме како да се излезе од оваа криза затоа што цениме дека во Македонија уште има сили кои сакаат оваа длабока институционална криза да ја втурнат во интеретничка криза, која е многу лоша за Македонија. Токму затоа и поддршката на претставниците на ЕУ е во правец политичките елити да рефлектираат и нивната поддршка ќе биде огромна за Македонија еднаш засекогаш се врати на евроинтеграцискиот процес и граѓаните на Македонија да бидат дел од Европската унија во една држава која ќе креира благосостојба за сите нас, посочи Касами по средбата со Хан.

Села: Единствена можност за излез од кризата е институционалниот пат

Со еврокомесарот Хан се согласивме дека единствена можност за да се излезе од кризата е институционалниот пат, а не патот на институциите, изјави лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села по средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан во Собранието на Република Македонија.

– Мислам дека на ова општество му треба дебата, а не лаги и дезинформации, ниту пак да се враќаме во минатото и да сервираме изјави како да се денес направени. За мене ништо не е забрането да се дебатира во Собранието, да се дискутира и заеднички да донесеме одлуки за иднинината на сите граѓани во Република Македонија. Сите тие коишто се против оваа форма се анархисти кои го ризикуваат спокојството и животот на секој граѓанин, рече Села.

Прашан дали од еврокомесарот Хан и од европратениците имало сугестии во кој правец да се движат во решавањето на проблемот, Села рече дека им било сугерирано да се држат до институциите и што побрзо да се формира влада за земјава да продолжи на патот кон ЕУ и НАТО.

За претседателот на државата Ѓорге Иванов, Села рече дека во однос на мандатот нема право на личен став.

– Претседателот на државата нема право на лично мислење, туку само да го спроведува Уставот. Иванов може да има не само еден туку стотици лични ставови. Како претседател на државата тој нема право на личен став за мандатот, туку е должен да го даде на оној што ќе обезбеди мнозинство од најмалку 61 пратеник. Сметам дека треба да заврши Конститутивната седница на Собранието, да се избере претседател на Собранието, а потоа да се информира претседателот Иванов дека има мнозинство. Потоа може да се чека 10 дена за само да даде позитивно мислење. По Устав нема право да не го даде мандатот и после 10 дена слободно може да се гласа влада, а ако некој има нешто против може да се обрати до Уставниот суд и Уставниот суд да реши, прецизира Села.

Нагласи дека како општество не смее да му се дозволи на кој било да работи против Уставот.

– Ако Претседателот работи против Уставот треба да одговара исто како и секој пратеник, министер…, рече Села.

Прашан дали еврокомесарот најави можност за санкции, Села рече дека Алијансата на Албанците не е дел од оние што ја продлабочуваат кризата и затоа немало потреба Хан да зборува со него за санкции.

– Не гледам причина зошто Хан би зборувал со нас за санкции, а верувам дека треба да зборува за санкции со тие што секојдневно работат за да имаме криза. Побарав од Хан ЕУ во никој случај да не ги тргне рацете од Македонија бидејќи единствениот добар пат за нас е патот кон ЕУ и НАТО, истакна Села по разговорите со Јоханес Хан.

mia.mk

loading...