Црквата Св.Спас – светилник на Велес

998

Во Велес најстарата градска црква е  Свети Спас. Таа е изградена во подножјето на ридот Рамина. Се претпоставува дека потекнува од 14 век, а е обновена во 19 век. Последните зографски работи ги извел прочуениот велешки зограф Ѓорги.

Во јужниот дел од црквата се наоѓаат гробници на видни граѓани, добротвори на црквата.Во нејзиниот двор е и гробот на преродбеникот Јордан Хаџи Константинив- Џинот.

Џинот е значаен просветител и преродбеник во историјата на македонскиот народ. Роден е во Велес во 1821 година и четири децении од својот живот посветил на заложбите за воведување просвета на народен јазик. Го отворил првото бесплатно училиште во Велес. Во зачуваните историски записи е споменат како автор на првите драмски обиди и како прв македонски новинар. Негов прв авторски труд е „Таблица перваја“, внесена во употреба во 1845 година. Поради својата просветителска дејност често бил прогонуван. Џинот починал во Велес во 1882 година. Погребан бил во дворот на црквата Свети Спас, каде и денес се наоѓа неговиот гроб. Велешкиот театар  и едно основно училиште во неговиот роден град, го носат неговото име, а неговата родна куќа  во стариот дел на Велес е пренамената во Спомен музеј.

Иконите и иконостасот во црквата Св.Спас по големина се еднакви и претставуваат симетрично декоративна целина. Иконата на Св. Ное потекнува од 1817 година и е најстара икона во црквата. Иконата на Св. Петар и Павле датира од 1819 година. Камбанаријата не е постара од 1912 година.

%d1%86%d1%80%d0%ba%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d1%81%d0%b2-%d1%81%d0%bf%d0%b0%d1%811-001

Црквата Св.Спас е изградена на ридот Рамина, а во кругот на црквата се и градските гробишта. Последните години голем дел од куќите се во непосредна близина на црквата и гробиштата. Кога ќе погледнете од дворот на црквата  таа има отворен видокруг кон долината на Вардар од задната страна и претставува спротивност на црквата Св Пантелејмон, која се наоѓа на западната страна преку Вардар.

Васил К’нчов Познатиот бугарски политичар, историчар и географ, автор на текстови за многи географски области во Македонија, (кој живел на крајот на 19 век а починал на почетокот на 20 век),  напишал дека на местото на Св.Спас некогаш постоела мала црквичка која  служела и како манастир.

И во Енциклопедијата на лексикографскиот завод се спомнува дека таа потекнува уште од 14 век, а била обновена во 19 век. Христо Чочков кој подолго време се занимавал со историјата на Велес, а според него црквата Св.Спас потекнува од 17 век како претходница на спротивната црква Св.Пантелејмон.

Нешто поблиску за староста на црквата може да се разбере и од надгробните споменици и гробишта, од чии плочи и камења сега е калдрмисан дворот на црквата. Така, на пример, гробницата на браќата Шулеви- Петре и Јован, се наоѓа на јужната страна од храмот, во заградениот двор каде што се погребувале почесни и заслужни луѓе за црквата. Според надгробниот натпис се гледа дека Петре починал во 1868 година. Ако бил тогаш на 80 годишна возраст, како што мислат некои негови роднини, значи дека тој е роден околу 1780 година, од што следи оти црквата постоела пред таа година. Од друга страна, дека Петре бил добротвор на овој храм, што значи дека тој бил подигнат пред неговото раѓање.

%d1%86%d1%80%d0%ba%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d1%81%d0%b2-%d1%81%d0%bf%d0%b0%d1%813-001

На истата страна од храмот, во црковниот трем, запишана е годината 1884, што е доказ дека тремот бил граден тогаш, а пак за постоењето на црквата пред оваа година научниците не располагаат со запишани траги. Од сево досега кажано може да се претположи дека црквата Св.Спас во текот на времето претрпела повеќе доградувања. Едно е јасно, а тоа дека црквата  во поново време е на двапати реновирана и декорирана: првпат во 1908-1910 и вторпат во 1921-1922 година, кога биле завршени последните зографски работи. Нив ги извел прочуениот велешки зограф Ѓорѓи. Ликовите му биле дадени во една хармонична система, во полн склад со прилично стариот иконостас. Тие, подарени од велешките занаетчии,  се групирани по еснафи. Тука се претставени еснафските патрони и под секоја икона стои името на дародавецот, т.е. на еснафот.

Иконите и иконостасот се од постаро време, а по големина сите се еднакви и претставуваат една симетрично- декоративна целина. Најстарата икона во градот е иконата на Св.Ное, која потекнува од 1817 година. Потоа иконата на Св.Петар и Св.Павле, која датира од 1819 година.

Како што посочуваат истражувачите за градењето на оваа велешка црква во секој случај, да постоеле и други временски траги, можеби ќе помогнеле да се доближиме до точното време на постанокот на црквата Св.Спас во Велес. Но, за жал, тие се нешто намерно, а нешто случајно уништени, каков што е случајот и со плочите на спомениците, употребени за поплочување на црковниот двор и тремот на црквата. Еден голем дел од нив биле извадени при реновирањето на црквата. Така, собраниот материјал подоцна бил употребен при ѕидањето на камбанаријата, чешмата, а најмногу при правењето на ограда околу гробиштата.
Освен црковната зграда, во дворот на црквата Св.Спас постоеле и други помошни простории. Меѓу овие се истакнува камбанаријата, која не е од стар датум, што се гледа и по самата нејзина конструкција и материјалот. Во секој случај, камбанаријата не е постара од 1912 година, бидејќи пред тоа за оглас на црковните служби биле употребувани клепала.

Црквата се раководела од црковен одбор, кој го сочинувале чесни и богати  граѓани на Велес. Тоа биле ктиторите на чело со надлежните свештеници. Тие играле голема улога во нормалното функционирање на црквата . Се грижеле за сите потреби на црквата и на населението во врска со нивните религиозни потреби.

%d1%86%d1%80%d0%ba%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d1%81%d0%b2-%d1%81%d0%bf%d0%b0%d1%814-001

Според бројните истражувачи на црквата Св.Спас, таа одиграла голема улога за челичење на духовната моќ во мачниот период под отоманското владеење. Воедно, по разни други тајни канали, ја помагала и востаничката улога на македонскиот народ против сите ненародни влијанија.

Црквата  Св.Спас и околните куќи на Рамина спасени од лизгање

Во август 2008 година со изградбата на вториот потпорен ѕид во месноста Рамина, според проценката на стручњаците, конечно беше спречено  понатамошно лизгањето на ридот. Воедно со тоа се спречи понатамошното пукање и уривање на куќите во овој висок дел од левата старна на Велес,како и на лизгањето  црквата Свети Спас- лоцирана највисоко во месноста Рамина. За среќа, трагедијата беше спречено со изградба на вториот потпорен ѕид, со што куќите на жителите од овој дел од градот и црквата беа спасени. Инаку, претходно, додека не беше изграден овој втор потпорен ѕид, 50 куќи беа целосно паднати и уништени, а уште 150 беа со напукнати ѕидови. Жителите  мораа да се иселат од своите домови  и да живеат под кирија во други побезбедни делови на градот.

Постарите жители на Велес  се потсетуваат дека Рамина порано била целата со шума и дека лизгање на теренот се појавило кога биле исечени дрвјата, бидејќи  некои нови жители на градот, дојденци од селата, решиле токму  на Рамина да си изградат своја куќа.

Црквата Св. Спас, се спаси со навремена интервенција на надлежните  за да  не се лизне со сѐ гробиштата надолу до Вардар. За среќа, на велешани и сите кои ја сакаат оваа убава велешка црква Св. Спас  остана за навек и понатаму  да биде  светилник во Велес.  Воедно таа е  една  и од двете градски цркви каде се и градските гробишта на велешани низ годините наназад до денес.

Црквата е многу посетена на поголемите верски празници, а особено на Свети Спас- Спасовден- патрон на црквата.

Треба да ја посетите оваа црква, затоа што  од дворот каде што се бадемите, од оваа височина, има  импресивна глетка на реката Вардар и куќите од овој стар дел на градот, начичкани како печурки една врз друга. Оттука  потпрени на нејзините огради ќе ја видите  и втората велешка градска црква Свети Пантелејмон, која е отспротива на Св. Спас, а на другата страна на реката Вардар.

%d1%86%d1%80%d0%ba%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d1%81%d0%b2-%d1%81%d0%bf%d0%b0%d1%815-001

Затоа, дојдете  барем еднаш и вие на поклонение на гробот на големиот македонски просветител Јордан Хаџи Константинов Џинот, на гробовите на нашите и свои претци и од нејзините височини запознајте ја од високо како на дланка пред вас , убавата  панорамата на стар Велес.

За МИА Антоанела Димитриевска

loading...