Шпанија не е Југославија, Војводина не е Каталонија

968

Експертот за Балканот од Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер го спореди забранетиот референдум за независност на Каталонија со неколку балкански случаи.

Тој прецизира дека Шпанија не е Југославија, ниту, пак, Каталонија е Словенија или Хрватска, како што Истра, Војводина или Република Српска не се Каталонија.

Во изјава за Радио Слободна Европа, Бибер истакнува дека причините, динамиката и политичките процеси кои водат кон создавање некое движење за независност се специфични, но успесите, вели, се препишуваат на групите за независност, а поразите на државите.

Тој напоменува дека единствената клучна разлика меѓу Косово и Каталонија е насилството.

И покрај жестоката полициска интервенција во неделата, според него, движењето за независност на Каталонија не може да тврди дека се работи за историја на репресија, како што тоа го можеше Косово.

– Дури и пред војната од 1998-99 година, одземањето на автономијата сугерираше дека Косово не може да смета на некој договор за автономија со Србија, наведува Бибер, кој тврди дека ова не е случај кога е во прашање Каталонија, која ужива широка самоуправа, но и покрај „тврдоглавата и нефлексибилна политика што ја спроведува владата на Рахој, не може да се каже дека се наоѓа во иста позиција“.

Бибер нагласува дека Шпанија е демократија, додека Југославија и Србија во деведесетите не беа тоа.

– Постои споредба во фактот дека колку повеќе центарот е побескомпромисен и тврд, тоа е поизвесно дека народот ќе ја поддржи независноста, вели Бибер и додава дека сликите од насилството во неделата се најдобрата реклама за движењето за независност.

Тој потсетува дека неколку години пред референдумот во Словенија и Хрватска во 1990 година само малцинството беше за независност, но „политиката на тврда рака“ на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ „ги катапултираше националистите на власт и обезбеди поддршка за оддалечување од Белград“.

Image result for Spain is not Yugoslavia, Vojvodina is not Catalonia

– Ова, секако, може да се повтори, иако ниту Војводина, ниту Истра не се потенцијални кандидати за тоа, вели Бибер, нагласувајќи дека најизвесно е независност во регионот да бара Република Српска.

– Додик го користи референдумот за да укаже на наводното лицемерие на Западот, но неговиот аргумент нема основа: Република Српска, како и Каталонија, не се соочуваат со репресија, смета Бибер.

Поради тоа клучно прашање за Босна и Херцеговина, како и за Шпанија, е како да се одговори на движењата за независност.

– Британскиот или канадскиот принцип на гласање е еден начин, но тука е можно само ако постои стабилен демократски процес кој гарантира дека гласањето може слободно да се одржи. Без дилеми, тоа е случај во Шпанија, рече Бибер.

Според него, во Република Српска референдумот би бил поврзан со многу поголеми ризици.

– Во фокус би го ставил тоа дали регионот, кој е создаден пред само 25 години преку масовно етничко чистење, може да бара право на легитимитет на историска област како што се Каталонија или Шкотска, вели Бибер.

Б92

loading...