Што треба да содржи новогодишно пакетче?

2173

Момчињата и девојчињата во овие предновогодишни денови особено се радуваат во исчекување на подароците од Дедо Мраз. Се надеваат дека ќе го добијат токму она што го сакаат, затоа што биле добри.

Што ќе се појави кога ќе ги отворат пакетчињата, што ли ќе најдат под елката се мислите на најмладите од целиот свет овие денови. Затоа, родители, знаете што треба да правите…

Ако сами правите новогодишно пакетче, послушајте го советот на експертите кои велат дека во него треба да има барем 30 отсто едукативна содржина согласно возраста.

Детските психолози препорачуваат да се почне од книги, без оглед на тоа дали имате бебе или дете од десет години. Гумена сликовница со слики на животни е одлично „друштво“ за капење на едно и полгодишно дете, кое само што почнало да го запознава светот, како што е и мини енциклопедијата за природата или човечкото тело за повозрасни деца.

Во пакетчињата за бебиња заборавете на слатки и играчки составени од ситни делови, кои можат да бидат опасни. Кадифените мечиња и кучиња се сосема соодветни за таа возрст. Премногу чоколада и бонбони не се добар избор ни за повозрасните деца, експертите советуваат дека слатките  се комбинираат со овошје и грицки.

Девојчињата секогаш се радуваат на барбики, а момчињата на автомобили, но искористете го овој период да ги насочите кон корисни и паметни играчки, сложувалки, едукативни коцки и забавни игри…