Јапонската амбасада го одбележа роденденот на царот Акихито

62

Јапонската амбасада вечерва во Скопје го одбележа 84-тиот роденден на царот Акихито, кој е национален ден на Јапонија. Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA / ЏАЈКА) ја додели годишната награда по овој повод – на  Центарот за управување со кризи-ЦУК со кој успешно соработува повеќе од една деценија.

Амбасадорката на Јапонија во Македонија Кеико Ханеда рече дека и е  задоволство да види многу пријатели собрани заедно на вечерта со која се одбележуваат 84 години од раѓањето на јапонскиот цар, потсетувајќи дека царот Акихито и неговата сопруга, царицата Мичико, биле во официјална посета на Скопје во 1976 година, тогаш како крунски принц и принцеза.

Ханеда истакна дека оваа година е многу позитивна за двете земји зашто е отворена Амбасада на Јапонија во Македонија.

– Македонија и Јапонија промовираат исти вредности и се надевам дека луѓето од двете земји ќе продолжат да соработуваат во владеењето на правото, основните човекови права, мир и стабилност на регионот и светот и одржлив економски раст, рече јапонската амбасадорка во поздравниот говор.

Признанието од агенцијата на јапонската влада ЏАЈКА му се доделува на ЦУК за силната посветеност и придонесот во развојот на институцијата и зајакнувањето на капацитетите во земјата и регионот. Во изминатите десет години, десет вработени од ЦУК учествуваа на обуки за управување со кризи во Јапонија. Во 2009 година Центарот го воспостави системот за превенција и рано предупредување од шумски пожари (MKFFIS), а во 2015 година, за време на Програмата за обуки на трети земји, ЦУК го сподели своето знаење со други земји од Балканот.

ЏАЈКА и ЦУК наскоро ќе почнат нов петгодишен проект за градење капацитети за намалување на ризици од катастрофи во областа на животната средина (ECO DRR) преку одржливо управување со шуми. Целта на проектот е да се постигне превенција од природни катастрофи преку употреба на еко системи како што се шуми.

Свеченоста почна со карате демонстрација од членовите на Македонската традиционална карате федерација. Каратето е традиционална јапонска вештина и од следните Олимписки игри во Токио (2020 година) ќе стане официјален олимписки спорт.

За присутните беше организирана и дегустација на јапонски пијалаци – саке, вино од слива, десерти од ориз, а јапонската традиција и култура беше претставена и низ креациите кои се бренд на оваа земја – оригами и бонсаи.

loading...