Илинденското востание ги зближило Атина и Цариград

1365
Booking.com INT

Илинденското востание ги зближило Атина и Цариград. Во османлиската престолнина престојувала грчка делегација која разговарала за можна посета на кралот Георгиос на Цариград. Наводно тие, исто така, требале да разговараат и за условите под кои би можела да биде потпишана воена конвенција помеѓу Грција и Османлиската држава во случај последната да влезе во војна со Бугарија. Една студентска делегација го посетила османлискиот амбасадор во Атина со барање до Саадедин-бег да бидат примени во редовите на османлиската војска.

Bitcoin Exchange CEX.IO

– Оваа постапка на грчките студенти била пренесена и од османлискиот печат, но за неа можело да се прочита и во грчкиот, кој веќе не бил забранет да се продава во османлиската држава. Непосредно пред почетокот на Востанието, Портата донела решение со кое било дозволено продавање на весници печатени во Грција, кои од 1897 година биле забранети да се увезуваат и дистрибуираат. Владата на премиерот Ралис, како што се очекувало, покажала голема активност по прашањето на востанието. Тој, уште од самиот почеток, постојано се сретнувал со амбасадорите на големите сили во Атина, изложувајќи им ги грчките погледи за настаните во Македонија, кои не ретко биле претерано негативни за македонското Илинденско востание, вели проф. д-р Далибор Јовановски.

Ралис на средбата со британскиот пратеник во грчката престолнина изразил загриженост за ситуацијата во Македонија. Според него, грчкото население во немирната османлиска област било малтретирано и убивано како резултат на одбивањето на Грците да ги помогнат или пак да им се придружат на востаниците.

– Ралис имал подготвено, како што самиот истакнал, подолг список на насилни акти извршени врз Грците во Македонија. Грчката влада била во тешка позиција, бидејќи морала да биде воздржана иако сакала да им помогне на своите сонародници, истакнал грчкиот премиер. Искажувањето на Ралис се разликува од она на грчкиот конзул во Битола. Грчкиот пратеник во Лондон го посетил британското министерство за надворешни работи со цел исто така да говори за тешката положба на грчкото население кое, според него, броело скоро 800 000 луѓе. Затоа големите сили требале да ја притиснат Портата да преземе ефктивни мерки со цел да излезе на крај со востаниците. Ралис во разговор со францускиот пратеник во Атина, нагласувајќи ја влошената позиција на Грците во Македонија, ја споменал можноста од граѓанска војна меѓу двата доминантни христијански елемента во Македонија, бидејќи Грците ќе морале да делуваат во самоодбрана, објаснува професорот Јовановски.

Во Атина пристигнувале информации за напади на востаниците врз грчкото и патријаршиското население, без да бидат поштедени жените и децата, што предизвикувало негативни реакции.

– Сѐ повеќе се истакнувала потребата за вооружување на патријаршистите во Македонија, а за таа цел се изјаснил и Централниот македонски силогос, но Ралис не ги одобрил овие барања, дури, според францускиот пратеник во Атина, му одржал лекција на претседателот на силогосот со која јасно му ставил до знаење дека нема да дозволи владата да биде вмешана во таа можност. Реакцијата на Ралис е разбирлива. Нема никакво сомниние дека и тој размислувал во правец на вооружено делување. Видовме дека грчкиот амбасадор во Цариград му споменал на Султанот можност патријаршистите да добијат оружје за, како што било истакнато, самоодбрана. Сигурно е дека Грипарис предлогот до Абдул Хамид не го дал по сопствена иницијатива. Многу брзо и самиот Ралис ќе го истакне истиот предлог, но тој не сакал разните силогоси, барем во тој момент, да го водат зборот околу можното вооружување на патријаршистите. Во таа насока е и пишувањето на „Проја” од 11 август. Во неа се истакнува дека јавноста не треба да се посветува на митинзи и зборови, бидејќи веќе се покажала некорисноста од демонстрациите во минатото пред големите сили по прашањето на заштитата на националните интереси во Македонија, вели историчарот.

Затоа тие прашања требало целосно да и бидат препуштени на владата. Советите за воена интервенција во Македонија, не биле паметни, бидејќи тоа е работа на османлиската војска, додека елинизмот можел да дава само морална подршка за спречување на бугарското движење.

– Лекцијата на Ралис дадена до претседателот на Централниот македонски силогос која претходно ја споменав имала и друга половина. Геројанис не разговарал со грчкиот премиер само за праќање на доброволци во Македонија, кои би се бореле на страна на османлиските сили против востаниците. Имено Централниот македонски силогос сакал да организира еден митинг во Атина и за тоа побарал дозвола од премиерот Ралис. Меѓутоа Ралис сметал дека таков митинг би бил контрапродуктивен. Геројанис немал каде и морал да го одложи митингот, но тоа предизвикало незадоволство кај членовите на комитетот, појаснува професор Јовановски.

Грците, колку и да биле против реформите во Македонија и можноста таа да стане автономна, многу брзо се прилагодувале на развојот на настаните, дури во Атина пред востанието и се говорело за можноста еден грчки принц да биде на чело на Македонија како гувернер.

– Во текот на Илинденското востание се појавиле гласини за можноста принцот Георгиос да биде назначен за гувернер на Македонија. Сепак, тоа не значи дека во Атина и навистина би се согласиле за автономна Македонија, а и во грчкиот печат по повод гласините за можноста принцот Георгиос да биде назначен за гувернер на Македонија се појавиле написи во кои било изразено сомнение околу споменатата можност, вели професорот.

Развојот на востанието, но и османлиските противудари почнале да ја ставаат атинската влада во малку незгодна позиција пред домашната јавност.

– Имено, со акциите на османлиските сили биле погодени и патријаршистите, како случајот со гратчето Клисура, кое било населено претежно со влашко население  и земало учество во востанието. Заземањето на Клисура од страна на османлиските сили било проследено со репресалии, кои предизвикале реакција на емигранти и поранешни жители на ова мало гратче, кои тогаш живееле во Атина. Тие одржале собир во грчката престолнина  на  кој  избрале  една  делегација,  која  требало  да се сретне со грчкиот премиер со цел да побара од него да изврши притисок врз Портата и да го искаже своето незадоволство заради масакрот во Клисура. Како резултат на притисокот на, сигурно, влијателните жители на Клисура, Ралис се сретнал со османлискиот пратеник во Атина со цел да го потсети на однесувањето на османлиските сили кон патријаршистите. Грчкиот премиер морал да делува, бидејќи ќе имал големи проблеми да и објасни на грчката јавност како пријателската османлиска војска вршела репресалии и врз патријаршистите во Македонија, потенцира професорот.

Настаните по заземањето на Крушево дополнително ќе предизвикаат проблеми за Ралис и проосманлиска политика на неговата влада.

Според првичните информации во Крушево, како резултат на османлиското заземање на градот, најмногу настрадал делот во кој живеело влашкото население, кое во Атина било сметано за грчко. Ралис за уништувањето на градот ги обвинил востаниците, пред сѐ заради извештаите на битолскиот конзул. Грчкиот премиер веднаш побарал од големите сили да бидат преземени мерки против востаниците. Но, вистината била поинаква. Затоа грчкиот премиер многу брзо ќе биде принуден да ги преиспита своите обвинувања на сметка на востаниците.

– Илинденското востание, кое предизвика загриженост во Грција било причина не само за засилено делување на постоечките силогоси, туку и за формирање на нови. Така, непосредно по заземањето на Крушево во Атина бил формиран Комитет на Македонците со задача да ја информира европската јавност и дипломатија за своите гледишта. Комитетот бил создаден од емигранти од Македонија, приврзаници на Мегали идејата. Исто така во Атина беше создаден Комитетот за помош на Македонците под претседателство на атинскиот архиепископ Теоклитос, објснува професорот Јовановски.

Задушувањето  на востанието било причина за задоволство кај грчкиот премиер Ралис. Тој на британскиот пратеник му ја изразил својта среќа за изгледите за мир на Балканот. Крајот на  Илинденското востание бил поволен за грчките интереси.

– МРО ќе биде погодена со неуспехот на востанието, а Грците ќе можат    да праќаат чети кои би биле во состојба да се носат со оние на Организацијата. Ситуацијата во Македонија во периодот што следи ќе биде несносливо тешка за сите кои живеат во оваа османлиска област, но релативно поволна за грчките   интереси, вели професор Јовановски.

mia.mk

Booking.com INT Bitcoin Exchange CEX.IO
loading...