Духовното спокојство на Свети Ѓорѓија

794

Потонат во зеленилото на убаво уредениот двор обиколен со ѕидови од камен, на неколку километри над скопското село Кучково, сместен е манастирот Свети Ѓорѓи. Подзаскриена од погледот, пак, централно, е малата истоимена црква во која кога го посетивме манастирот, одѕвонуваше радосното гугање на малата Сара која штотуку беше крстена. Блажениот мир и спокојство царува во ова важно христијанско светилиште за населението од западниот дел на Скопската Котлина, од 14 век наваму.

За верниците и посетителите манастирот е отворен секој ден, а масовно е посетен на Ѓурѓовден, 6 мај, и на христијанскиот празник Свети Ѓорѓи Победоносец (Посен) кога манастирот го чествува денот на патронот.

Изграден пред доѓањето на Турците

loading...

Манастирот посветен на Свети Ѓорѓи за првпат го споменува Јордан Хаџи Константинов – Џинот, во 1885 година, кога во Цариградски весник запишал дека „манастирот има добра црква и многу ракописи“.  Годината на изградбата на манастирот е 1346 година за што сведочи натписот на влезот на самата црква. Тука пред десеттина години имало и плоча на која пишувало дека црквичката е изградена токму таа година, но била земена на реставрација.

Иако црквата „Свети Ѓорѓи“ е мала, таа е впечатлива и во својата архитектура и со фреските и иконите. Ктиторот не е познат, но со оглед на годината на градење и габаритноста, може да се претпостави дека е погигната од самото население. Според стручњаците и направените истражувања, во црквата има два слоја на фреските. Првиот слој што се наоѓа под денешниот е од 14 век, според натписот, а вториот, горен слој или сегашниот, е од 16 век. Ова го потврдува и проф. д-р Димитар Ќорнаков, истакнат историчар на уметноста, автор на повеќе книги за македонските цркви и манастири. Според него, фреските во првата зона се ретуширани, односно пресликувани. Горните партии не се пресликувани поради што се потемнети, а некаде и оштетени. Фреските од 16 век се сочувани во олтарниот простор и во наосот на црквата.

Архитектонски црквата е мала, засвоедена со полуобличест свод, олтарна апсида на источната страна и единствен влез од западната страна. Веројатно во 19 век на западната страна е изграден затворен трем. Во црквата се наоѓа иконостас со престолни икони меѓу кои поголема вредност имаат две. Од левата страна е иконата на Свети Ѓорѓи, патрон на црквата на платно со два записа во долниот дел каде што пишува дека е изработена од зографот Нове од „село Сушица, синор Галички, ради душа спасение“ и дека е завршена во 1838 година.

2-%d0%b4%d1%83%d1%85%d0%be%d0%b2%d0%bd%d0%be%d1%82%d0%be-%d1%81%d0%bf%d0%be%d0%ba%d0%be%d1%98%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d1%93%d0%be%d1%80%d1%93%d0%b8%d1%98

Другата позначајна од престолните икони е иконата на Свети Јован Крстител од 19 век од непознат зограф. Царските двери се во резби од крајот на 19 век и се од непознат мијачки копаничар. Во една просторија на манастирските конаци се наоѓа дрвена плоча со дејсиизна композиција на Светите Апостоли, од која е сочувана само десната половина. Според записот на оваа плоча таа потекнува од крајот на 16 век. Од 1918 до 1942 година манастирот бил женски манастир со 12 монахињи. Од 1946 година подолго време за него се грижел еден калуѓер и еден чувар. Повеќе од две децении манастирот го раководел јеромонахот Наум од Злетово. За негово време црквата е зацврстена, а изградени се и сите помошни црковни простории и простории за монашко братство, како што велат овде „ако Бог даде“, како и камбанаријата.

Отецот Наум кој починал пред две години погребан е зад олатрот на црквата. Манстирот има и  конаци, осветени чешми во дворот, верниците и посетителите да се мијат за здравје и мир.  Интересно за Кучково е тоа што е средиште на духовни храмови. Во атарот на селото, освен манастирот Свети Ѓорѓи, има многу манастири и цркви од затворен тип кои населението ги посетува најчесто за празникот на храмот, но и по разни други поводи.

Над селото Кучково, во близина на Милениумскиот крст се наоѓа манастирот „Свети Атанасиј“, со црква и придружни простории. Во турско време бил разурнат и обновен во 1920 година. Во негова непосредна близина е манастирот „Свети Пророк Илија“ со црквичка и помошни простории, без прецизни податоци за неговата градба. Под селото во еден дол се наоѓа манастир посветен на Света Петка. Според сведоштвата на мештаните, тука во 1942 година била подогната капела. Денес има црквичка со помошни црковни простории и извор со света вода. Народот верува во неговата исцелителна моќ и често е посетуван од луѓе што имаат разни проблеми. Во центарот на селото се наоѓа црквата “Свети Спас“. Не се знае кога е градена, но на двапати е обновувана. Мајсторите биле од гостиварското село Пожаране и скопското Чучер. До црквата има камбанарија која е градена во октомври 1938 година, на натписот стои името на градителот, Цветко Митовиќ и датумот 20.10.1938 година.

3-%d0%b4%d1%83%d1%85%d0%be%d0%b2%d0%bd%d0%be%d1%82%d0%be-%d1%81%d0%bf%d0%be%d0%ba%d0%be%d1%98%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d1%93%d0%be%d1%80%d1%93%d0%b8%d1%98

Југозападно од селото Кучково се наоѓаат две цркви посветени на Свети Архангел Михаил и на Воздвижение на чесниот крст – Крстовден. Над влезната врата на втората црква има натпис „Свети Крстовден“. Нема подетални информации за ктиторите и времето на нивната градба. Од десната страна на патот кон селото Кучково, непосредно под селото, се наоѓа црквата „Свети Трифун“, чиј ктитор е Трифун Костовски. А, по сон на извесна баба Илинка, од неа и со помош на мештаните, изградени се уште две цркви „Света Петка“ и „Света Недела“. Денес за нив се грижи Миле Ѓорѓиевски, син на Илинка. Девојачки камен Каде и да се завртиш, овде во Кучково, ќе наидеш на култни места, како свети води, камења, дрвја…Тука сеуште се јаки и обредните верувања врзани токму за тие локалитети. Се работи за локални обичаи кои ги нема во населените места од скопскиот регион, што ги прави автохтони. Едно од култните локалитети во атарот на селото Кучково е карпата позната како Девојачки камен.

За неа се врзани повеќе легенди и преданија. Според една, како што ќе забележи професор д-р Марко Китевски од Институтот за македонска литература, редок собирач на македонското културно богатство, некоја девојка што тука ја чувала стоката, дувана од ветерот била залепена за неа, и затоа карпата била наречена така. Другото предание, пак, вели дека девојката која што била дувната од ветерот и залепена за карпата играла оро со своите другарки. Како и да било, кај карпата што го добила името Девојачки камен, од дамнина, доаѓале жени доилки на кои им секнало млекото, болни и луѓе со најразлична мака, оставале пари, палеле свеќи на каменот, го обиколувале каменот со црвен конец, а изведувале и други обичаи, со верување дека после тоа ќе добијат млеко за своите рожби, ќе се излекуваат од некоја болест или ќе им се оствари некоја желба. И денес на каменот можат да се видат црвени конци, догорчиња од свеќи и пари, што говори дека продолжува традицијата на изведување на споменатите обреди. Од мештаните ќе чуете и дека младите жени кои немаат млеко за доење на својата рожба, гребат од каменот, го варат и ја пијат водата.

– Уникатно е и верувањето дека ако на Младенци се однесе кошула на болен или неродилка во месноста Девојачки камен на верскиот празник 40 маченици или во народот познат како Младенци и истата се остави на каменот да ја полазат змии кога ќе излегуваат од дувлото, сите болести ќе исчезнат, а неродилките ќе родат, вели за дел од овдешната традиција и обичаи д-р Китевски.

Освен за Девојачки камен, напоменува професорот, истражувачите на народната култура се интересирале и за колибите куќарници што девојките од Кучково ги правеле околу Митровден и во нив го подготвувале чеизот дури до Ѓурѓовден. Секоја маала си имала своја куќарница. Интересно за куќарниците е тоа што нив ги правеле самите девојќи за мажење, од штици, колци, вршена слама и ржаница, а наместо малтер се користело шталско ѓубре. Колибите биле подигани на гумно, имале кружна форма и биле необично симетрични. Во една куќарица можеле да седат и да го изработуваат чеизот и другите дарови за момчето и сватовите од 5 до 8 девојки. Вакви колиби имало и во другите планински села на Скопска Црна Гора.

За МИА Кети Мицковска

loading...