TUESDAY, 29 JULY , 2014
Флеш вести
Се наоѓате на / Почетна / МОЗАИК / Интервју / Млади таленти | Групата „Визија“ до нови успеси на музичката сцена

Млади таленти | Групата „Визија“ до нови успеси на музичката сцена

slika

Визија е бенд од Скопје, Македонија, основан во ноември 2011. Бендот го сочинуваат: Марко Џамбазоски (гитара/придружен вокал), Марко Гапо (вокал/ритам гитара), Лилјана Јанкова (бас гитара/придружен вокал) и Синиша Ѓорѓевиќ (тапани). Инспирацијата се црпи од рок музиката, проследено со експериментирање на различни стилови со цел формирање сопствен стил. Во јуни 2012 бендот Визија настапи на фестивалот Т’к-Так Фест во Кавадарци каде што беше прогласен за еден од најдобрите три бендови на фестивалот. На 24 ноември истата година бендот бележи настап на престижниот фестивал Таксират во Скопје. По излегувањето во јавност на нивната втора песна, имавме можност да си поразговараме со нив:

Како одлучивте да ја формирате групата?

Се собравме поради голема желба за свирење, 4 души, едвај се знаевме меѓусебно. Влеговме во гаража уште првиот ден и почнавме со некои импровизации. Иако никогаш претходно немавме свирено заедно, уште на првата проба произлезе песна. Од самиот почеток меѓусебно се разбиравме, секоја импровизација звучеше како некоја веќе создадена песна која ние ја свириме, едноставно знаевме како меѓусебно да се дополниме и знаевме кој каква идеја има. Така меѓу нас настана некој вид на хемија и сфативме дека овој бенд ќе продолжи сериозно.

Каков тип на музика изведувате?

Најпросто кажано свириме рок. Но, кога ќе не прашаат „каков рок свирите“, тешко ни е да одговориме, затоа што точен израз за нашиот стил и не знаеме дали постои. Всушност, инспирацијата ја црпиме директно од нас, па така не можеме да зборуваме за некој конкретен тип на музика. Нашата цел е да креираме еден оригинален стил кој по кој ќе бидеме препознатливи.

Каде до сега имате настапувано?

Нашето прво излегување надвор од гаражите и претставување пред публика беше минатата година на хуманитарен настан организиран од парК. Тоа ни беше една добра подготовка за нашиот следен настап, овој пат на поголема бина, на градскиот стадион во Кавадарци на фестивалот Т’к-так, кој беше посветен на еден од македонските рок ен рол херои, покојниот Трајко Каров. Таму бевме прогласени за еден од трите најдобри бендови на фестивалот. Последниот настап ни беше на престижниот скопски фестивал Таксират во ноември 2012.

Соработувате ли со некого?

Засега, како и многу од младите бендови сме препуштени самите на себе, успеваме колку што можеме сами да се промовираме, но да се надеваме дека во иднина ќе се случи и некоја соработка која ќе ни овозможи нови успеси.

Како настануваат песните?

Ова е интересно прашање. Создавањето на песна ни е едно од најголемите задоволства како бенд. Првите 2-3 песни настанаа спонтано. Едноставно ќе почневме да импровизираме и од ништо ќе произлезеше добра основа за песна, без никаков претходен договор или аранжман. Кога ни фалеше инспирација ќе ги изгасневме сите светла во гаражата, да не се гледа прст пред око, за да можеме да се концентрираме само на звукот и да не понесе темната атмосфера.

Колку авторски песни до сега имате изведено и кои?

До сега имаме изведено пет авторски песни, почнувајќи од првата – ,,Живеј” која беше снимена во студиото “Рок ен Рол” и премиерно пуштена на канал 103, а нешто подоцна успеавме да направиме и нови студиски снимки на уште четири песни во студиото ,,Ентерпрајз”. Тоа се песните ,,Гласот на мојата душа”, ,,Паѓа мрак”, ,,Илузија” и ,,Психопат”. Во моментов песните се прикачуваат на социјалните мрежи,па така секоја недела можете да најдете нова песна на нашиот youtube канал или фесјбук страна.

Какви ви се плановите за во иднина?

Во план ни е да свириме на Вембли, а потоа да бидеме и првиот бенд кој ќе свири на месечината (се смее). Шала на страна, најпрво сме фокусирани на нашиот следен настап кој ќе биде следниот четврток во клуб Б2, заедно со Нон Стоп, Пеперминт  и уште неколку групи, всушност тоа е хуманитарен концерт организиран од Црвен крст “Кисела вода” во програмата пхв со цел да се помогне на 18 годишниот Боро Стајиќ. По овој настап имаме во план да изработиме видео спот за некои од нашите песни, а потоа продолжуваме да работиме на нов материјал и се надеваме дека ќе успееме да издадеме албум, а и да настапиме на што е можно повеќе настани и фестивали и дека нашиот сон еден ден ќе се отствари.

Да се надеваме дека на овие амбициозни млади луѓе им следи успешна музичка кариера, бидејќи ние навистина мислиме дека ќе успеат во тоа. Погледнете го линкот од нивната последна песна и уверете се сами:

 

Разговорот го водеше Девана Ѓорѓиевска – Нардели.

Автор: Кукурику

Кукурику
Подобро еднаш да прочиташ, отколку сто пати да видиш...